Новиот претседател на Македонија да го почитува правото на независното информирање, бара меѓународната организација Репортери без граници во интервју дадено за Дојче веле на македонски јазик.
Првиот човек на Репортери без граници Кристијан Мир вели дека и по изборите нема да молчат за проблемите на информирањето во Македонија, особено за случаите кои ја девалвираа слободата на известувањето и на медиумите.
Пред предвремените парламентарни и пред вториот круг за избор на претседател ги повторуваме нашите барања за почитување на слободата на информирање, зашто изминативе години бевме сведоци на повеќе напади врз неа. Го имавме случајот Кежаровски, кој стана познат зашто станува збор за клеветење и кривично гонење на еден новинар.
Мир во интервјуто додава дека кај многу медиуми кои се блиски и зависат од власта, немало многу разлика од информирањето и предизборниот период, кога новинарите биле под константен притисок при известувањето да ја сочуваат верноста кон владата. Извештајот пак на набљудувачката мисија на ОБСЕ и Советот на Европа по првиот одржан круг претседателски избори заклучува дека медиумите покажале јасна пристрасност во однос на еден кандидат.
Неизбалансирано известување имало на Македонската радио телевизија, додека три приватни телевизии имале негативен тон во однос на еден кандидат. Според ОБСЕ, поизбалансирано и неутрално покривање на изборната кампања обезбедиле 24 Вести, Телма и Алсат – М. Во последниот извештај на Репортерите без граници за слободата на изразувањето Македонија потона на 123 место во светот заедно со Алжир, Мали, Ангола и Гватемала.
По барањето на Репортери без граници за новиот претседател, коментар не успевме да добиеме од изборните штабови на двата кандидати, додека штабот на едниот кандидат не одговори ниту на наводите од извештајот на ОБСЕ, дека тој бил повеќе привилегиран во медиумското преставување.
No comments:
Post a Comment